Жители на прилепското село Оревоец на протест поради најавените минирања од компанијата „Бехтел и Енка“

Жители на прилепското село Оревоец загрижени за зачувувањето на природното и културното богатство денеска излегоа на протест кај селото Оревоец, спротивставувајќи се на најавените минирања од компанијата „Бехтел и Енка“ кои, според нив, ги загрозуваат четирите извори за вода за пиење за Прилеп и околината.

-Деновиве на жителите на селото Оревоец им било најавено за денешното минирање до 14 часот. Странската фирма „Бехтел и Енка“, онаа иста фирма која го ископуваше еден од највредните геолошки локалитети во Македонија „Каракамен“, се пресели овде и се подготвуваат да минираат. Прилеп се снабдува со вода од „Студенчица“, но единствените четири извори од кои нашиот град се напојува со вода во екстремни, сушни периоди, се во пазувата на Бабуна планина. Тоа се изворите: Пашовски ливади, Лековскиот извор, Пештеричките извори и четвртиот извор мислам е Душница. Денешното минирање на оваа компанија се наоѓа на околу 700 метри од Оревоечкиот извор, кој, исто така, се спроведува во Прилеп. Од ова може да заклучиме дека нам ни се заканува екоцид. Тоа значи геноцид кој има еколошки карактер. Не може мирно да седиме како прилепчани и да дозволуваме дека некој одобрил да се минира. Не знаме кој потпишал, но знаеме дека некој ни чепка во водата што ја имаме за пиење. Овој извор е многу битен за сушни периоди. Не наидовме ниту на обична изјава, а не пак на документи. Претпоставуваме дека сме сфатени како несериозни, изјави  Ѓорѓи Георгиоски, член на Комитетот за заштита на природното и културното богатство на Македонија.

Протестите и реакциите ќе станат порадикални доколку не се преземат мерки да се стопира минирањето и жителите да добијат објаснување.

-Во селото има околу 28 куќи. Од едно еколошко чисто подрачје, деновиве се соочуваме со едно животно-загрозувачко и нееколошко решение. Го искршија асфалтот на патот, ќе минираат на 100-тина метри воздушна линија од првата населена куќа и немаме никаков документ, ниту соопштение, ниту од локалната, ниту од централната власт. Доколку не се преземе нешто, ние протестите ќе ги радикализираме, изјави Рубин Рујаноски, жител на Оревоец.