Жртвите во Турција од земјотресите надминаа 41 илјада, операциите за спасување продолжуваат само во два округа

Бројот на жртвите во Турција од разорните земјотреси во земјата од пред две недели веќе надмина 41 илјада луѓе, пренесе турската приватна телевизија НТВ. Според последните податоци на Дирекцијата за управување со катастрофи и вонредни ситуации (АФАД), бројот на загинати е 41.156.

Директорот на АФАД, Јунус Сезер, објави дека 800.000 луѓе погодени од земјотресите поднеле барање за засолниште во други окрузи.

„Досега се евакуирани 460.945 лица, од кои 318.970 се сместени во студентски домови и хотели“, рече тој.

Според директорот на АФАД, продолжуваат напорите за утврдување на штетите предизвикани од земјотресите. До денеска, овој процес е завршен во над 830.000 згради.

Сезер рече дека операциите за пребарување и спасување по земјотресите сега се завршени во сите други погодени окрузи освен Кахраманмараш и Хатај.

Вкупно 11 окрузи спаѓаат во зоната на земјотресите со јачина од 7,7 и 7,6 степени по Рихтер пред две недели. Епицентарот на потресите, кои се случија со разлика од девет часа на 6 февруари, беше во областа Кахраманмараш, но тешки последици претрпеа не само во Турција, туку и во соседна Сирија, каде исто така има илјадници жртви.