Општина Велес на својата веб страница објави дека од вчера е забрането капење во водите на езеро „Младост“. Од Центарот за јавно здравје Велес, каде континуирано секој месец се врши испитување на водите на езеро „Младост“, потенцираат дека нивните анализи покажуваат дека водите се исправни за капање. Но, по забраната од Општина Велес, тие денеска повторно земале примерок на вода, а утре ќе земат и нивни колеги од Институтот за јавно здравје од Скопје.
Инаку, на 3 август била последната анализа направена од ЦЈЗ – Велес, на водата на езерото „Младост“ на двете плажи „Градска плажа1 “ и „Романтик“.
Според соопштението од Општина Велес, лабораториските испитувања на квалитетот на водата на езерото „Младост“ извршени од лабораторијата „Фуд лаб“ од Скопје на 11 август годинава покажале надминување на граничните вредности за присуство на цревни ентерококи и ешерихија коли на локациите „Брод Панини“ и Градска плажа.
– Поради тоа препорачуваме езеро „Младост“ да не го користат за капење и рекреација, се потенцира во соопштението на Општина Велес.
Oд Центарот за Јавно здравје – Велес информираат дека нивна екипа денеска земал примероци од водата на плажите „Градска плажа 1“ и Хотел „Романтик“, а кои тие континуирано ги проверуваат согласно програмата. Воедно, бил извршен и санитарно-хигиенски увид. Тие појаснуваат дека квалитетот на водата ќе се проверува во лабораторијата на Центарот за јавно здравје Велес и во Институтот за јавно здравје Скопје.
Тие информираат дека од Институтот за јавно здравје Скопје денеска бил вратен примерокот бидејќи не користеле исти висови на лабораториски епрувети како ЦЈЗ Велес, па екипа од Скопје утре повторни ќе земаат примерок на водата од езерото.
Од Центарот за јавно здравје – Велес потенцираат дека сите резултати од нивните испитувања од мај, јуни, јули и заклучно со 3 август годинава покажуваат дека од земените мостри на вода од „Градска Плажа 1“ и пред „Хотел Романтик“ дека водите на велешко езеро „Младост“ се исправни за капење и рекреација.