Завеаните патишта биле обврска на ЈП Македонија Пат, општина Маврово и Ростуше ќе ги чисти само локалните, но откако тендерот ќе заврши
Општината Маврово и Ростуше немала надлежност за завеаните патишта, туку тоа било обврска на Јавното претпријатие за државни патишта, но тендерот за чистење на локалните патишта кои сепак се обврска на општината, не бил ни завршен.
По последните настани и блокираните патишта во Маврово, од Општината Маврово и Ростуше велат дека чистењето од снег на патот од браната Маврово, преку селата Маврово, Никифорово и Леуново, околу езерото, па сè до приклучокот кај местото Бунец е регионален пат и е во надлежност на Јавното претпријатие за државни патишта.
„Општина Маврово и Ростуше ги информира своите жители дека патот кој води од Брана Маврово, преку селата Маврово, Ниќифорово и Леуново околу езерото се до приклучокот кај м.в Бунец е регионален пат и е во надлежност на ЈП Македонија Пат.
Под надлежност на општина Маврово и Ростуше се локалните патишта кои водат од регионален пат до населените места, за кои во прилог на ова известување има листа на вид на делници и вид на коловоз за која општината има обврска за ангажирање на механизација за редовно зимско одржување и посолување.
Исто така сакаме да ги информираме нашите граѓани дека општината со сопствена механизација ги одржува локалните патишта за која има надлежност се до избор на фирма за зимско одржување, која според постапката за јавни набавки треба да биде избрана најкасно до 10.12.2024 година.
Во изминатите денови беа исчистени локалните патишта до селата Врбен, Церово и улица во с. Леуново каде имаше болна жена. Денес се чистат локалните патишта кон село Дуф, Сретково и останатите села кои водат од регионален пат до влезовите на населените места“, рекоа од Општина Маврово и Ростуше.
Снегот во зимски ски центар како Маврово буквално ги изненади сите надлежни институции затоа што си ја префрлаа топката кој е надлежен да го чисти снегот на патот околу езерото, дали ЈДП, општината или Македонија пат.
Лошото работење на општината го нотираше и Државниот завод за ревизија кој штотуку го објави извештајот од ревизорите.
Според нив, Општина Маврово го избришала компјутерскиот систем за даноци на имот, не ги уривала дивоградбите, не наплаќа комуналии за нови викендички, не може да донесе нов урбанистички план без да репрогласи национален парки троши без да распише тендери.
„Поради губење на базата на податоци за данокот на имот со бришење на целиот компјутерски систем за евиденција, во периодот од 2013 до 2018 година, општината не издавала решенија за данок на имот, а од 2018 година, пристапено е кон поединечно внесување на решенија и со прибирање на податоци за обврзниците при промет на недвижноста, наследство и подарок. Бројот на обврзници и на издадени решенија е зголемен од два милиона денари во 2019 година до три милиони денари во 2023 година. Поради некомплетната база на податоци и неиздадените решенија за данок на имот на сите обврзници, не е испочитувана законската обврска за водење регистар на недвижен имот кој подлежи на оданочување“, вели Државниот завод за ревизија.
Во 2023 година, општината направила расходи во износ од 1.723.000 денари без поткрепувачка документација, а извршени се набавки на услуги во износ 855.000 денари, за кои не се спроведени постапки за јавна набавка, констатираат ревизорите.
Утврдени се и следниве состојби:
– урбанистички планови на територијата на општината не се донесени, а за искористените средства по основ на утврдување на правен статус на бесправно изградени објекти не е доставен извештај до Министерството за транспорт и врски;
– по однос на решенијата издадени од градежниот инспектор за рушење на бесправно изградените објекти не е пристапено кон административно извршување;
– не се остваруваат приходи по основ на комунални такси за поставување на рекламни паноа, користење на простор пред деловни простории и поставување на урбана опрема, надоместок за јавна чистота, како и неправилности при издавање под закуп на општински имот и
– не е пропишано во кои рокови правните лица овластени за регистрација на возилата треба да ја уплатат комуналната такса за користење на патишта со моторни возила на сметка на општината.
ДЗР ги повикува надлежните институции да влезат во Општина Маврово.