Заврши изградбата на системот за водоснабдување за осум села во Карбинци

Заврши изградбата на цевководот, Филтер станицата и пристапниот пат во Општина Карбинци, со што вода за пиење се обезбедува за жителите на осум села во оваа општина од Хидросистемот „Злетовица“. По тој повод министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски денеска беше во посета на Карбинци.

Тој  посочи дека оваа значајна инвестиција е вредна 165 милиони денари, финансирана со средства на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, која е дел од првата фаза на проектот за водоснабдување преку Хидросистемот „Злетовица“. Од овој систем вода за пиење добиваат општините Пробиштип, Штип, Свети Николе, а наскоро Карбинци и Лозово.

– Оваа 2023 година со право ја нарекуваме година на нови можности во земјоделството. Година во која пред нас си поставивме пет клучни столбови по кој ја темелиме нашата работа. Токму вложувањето во капитални инвестиции за за изградба на нови и реконструкција на постојните водоснабдителсни системи е еден од тие пет столбови. Затоа оттука сакам да ви најавам дека како министерство го водиме процесот за целосно комплетирање на овој исклучително важен проект за истокот, преку кој обезбедуваме водоснабдување за околу 80 илијади жители, вели Николовски.

Посочи дека пред неполн месец на седница на Влада е  помината информацијата со која се  обезбедуваат дополнителни 800 милиони денари средства за комплетирање на Фаза1 од овој значаен проект.

-Овие обезбедени средства ќе бидат распределени во следните три буџетски години за целосно довршување на започнатите планирани активности, во рамки на потпрограмата 6А за Хидросистемот „Злетовица“.  Денес, преку оваа инвестиција од капитално значење го подобруваме квалитетот на живеење во општината и осум околни села. После општина Штип и општина Карбинци добива квалитетна вода за пиење со модерна ултрафилтрација за прочистување, рече Николовски.

Забележа дека за нив како министерство развојот на руралните средини е од посебна важност. Вложувајќи во подобрување на условите за живот во руралните средини со цел создавање достојни услови за живот и враќање на жителите кон овие краеви.

-Враќањето кон руралните средини произведува нова вредност, зголемена земјоделска активност, а со тоа и зголемување на производството на храна, што директно ја зајакнува домашната економија и влијае позитивно на стандардот на граѓаните, вели Николовски.

Министерот посочи дека во моментов на државно ниво се реализираат клучни капитални проекти, како што  се изградбата на браната Конско која е во завршана фаза, потоа главен цевковод Равен Речица на кој интензивно се работи и очекува во брз временски рок негово финализирање.

Градоначалникот на Општина Карбинци, Виктор Паунов вели дека 80 отсто од населението во Општина Карбинци ќе имаат чиста вода за пиење од овој систем. Во моментов се прават тестирање на Филтер станицата, а се чека и дозволтата од АХВ со цел да се пушти преработената вода за пиење до осумте села во Карбинци.