ЗАГИНА ЕДНА ЖЕНА: 20-метарска елка падна врз луѓе на саем во Белгија

Една жена загина откако вчера на саем во Белгија врз неа паднала елка висока 20 метри, јавија локалните медиуми.

Огромното дрво на божиќниот пазар во градот Однаарде, на околу 50 километри западно од Брисел, вчера вечерта не издржало силен налет на ветер, јави белгиската новинска агенција Белга.

Местото на несреќата е оградено

Елката паднала врз три лица, од кои едното починало набргу во болница од тешки повреди. Остана нејасно дали огромната, празнично украсена елка е лошо обезбедена. Видеата покажаа дека дрвото драматично се ниша на ветрот пред да падне. 

Локалните медиуми го цитираа градоначалникот на Оденаарде, Марник Де Меулеместер, кој изјавил дека обилните дождови и силните ветрови го урнале дрвото. Местото на несреќата е заградено, а надлежните вршат увид.