Загубата на ѕвездите на ноќното небо доби официјален термин

Астрономите смислија нов збор кој го опишува тагувањето за загубата на ѕвездите на ноќното небо. Кованицата нокталгија означува тага за ноќното небо и се поголемото загадување од светлина.

Густината на градовите, загадувањето и бројните продорни светла се повеќе го отежнуваат погледот кон ѕвездите.

Загадувањето со светлина се зголемува за речиси 10% годишно, предизвикано од осветлувањето на објектите кое се проширува не само врз областа која треба да биде осветлена, туку и нагоре кон небото.

Се проценува дека околу 80% од светското население живее во области каде има изразено светлосно загадување.

На самата планета Земја преостанати се малку локации од кои може да се набљудува небото, така како што тоа го правеле нашите претци.

Проблемот не ги погодува само „романтичарите“

Иронично е што штедливите ЛЕД сијалички, кои трошат помалку електрична енергија и се подолготрајни, всушност го зголемуваат светлосното загадување. Поради ниските трошоци повеќето од нив работат непотребно во текот на ноќта и влијаат на влошување на состојбата.

Освен носталгија за некоја идлична летна ноќ на отворено, кога романтично може да се набљудуваат ѕвездите, светлосното загадување може да предизвика и големи проблеми во науката.

Меѓу нив се пречките за астрономите за набљудување на објекти во длабоката вселена од земјените опсерватории. Загадувањето го влошуваат и големиот број сателити во ниската земјина орбита, што дополнително ја отежнува работата на астрономите.

Од друга страна прекумерната изложеност на вештачка светлина може да предизвика и здравствени проблеми, како што е оштетување на видот, сметаат научниците.TRT Balkan