ЗАКОНОТ ПРОТИВ ЛГБТ ПОЧНА ДА СЕ ПРИМЕНУВА ВО РУСИЈА – Рации во геј клубовите во Москва: “Се плашиме дека ќе одиме во затвор“
Полицијата во Москва изврши рација во неколку геј клубови, објавија локалните медиуми, еден ден откако Врховниот суд на Руската Федерација одлучи да го забрани ЛГБТ движењето. Посетителите на клубовите биле накратко приведени и нивните пасоши биле фотографирани за време на рациите доцна во петокот, објавија руските медиуми.
Еден од посетителите изјавил дека се плаши да не добие долга затворска казна. Полицијата соопшти во официјалното соопштение дека трага по дрога, пренесуваат руските медиуми. Градските власти се уште немаат соопштено ништо за оваа акција.
„На сред забава музиката престана, а полицијата почна да влегува“, изјавил еден очевидец, додавајќи дека на собирот во центарот на Москва имало и странци.
Профилите на социјалните мрежи пишуваат дека во петокот вечерта во руската престолнина биле извршени рации во три клуба. На социјалните мрежи се појавија фотографии и видеа на кои наводно се гледа полициско комбе и полицајци пред клуб.