Заминувањето од Русија ги чинело европските компании 100 милијарди евра

Најмалку 100 милијарди евра изнесуваат директните загуби кои најголемите европски компании ги претрпеле во Русија по целосната руска инвазија на Украина. Дo овие загуби дошло поради одлуката на овие компании за продажба, затворање или намалување на нивните објекти во Русија.

Ова го покажува истражувањето на годишните извештаи на 600 европски компании кое го објави „Фајненшл Тајмс”.

Каде се лоцирани загубите?

Во вкупните податоци за загубите не се евидентирани оние кои се резултат на повисоките трошоци за енергија и стоки.

Најтешките трошоци за повлекување се концентрирани во неколку сектори. Оние со најголеми отпишувања и давачки се групите за нафта и гас, каде што само три компании – BP, Shell и TotalEnergies пријавиле комбинирани трошоци од 40,6 милијарди евра. Загубите беа далеку надминати од повисоките цени на нафтата и гасот, што им помогна на овие групи да пријават збирен профит од околу 95 милијарди евра (104 милијарди долари) минатата година. Додека акциите на компаниите од секторот одбрана беа зголемени од конфликтот.

Комуналните претпријатија добија директен удар од 14,7 милијарди евра, додека индустриските компании, вклучително и производителите на автомобили, претрпеа удар од 13,6 милијарди евра. Финансиските компании, вклучувајќи банки, осигурителни компании и инвестициски фирми, забележаа отписи и други давачки од 17,5 милијарди евра.

БП објави наплата од 25,5 милијарди долари, објавувајќи три дена по инвазијата дека ќе го продаде својот удел од 19,75 отсто во државната нафтена групација Роснефт.

На TotalEnergies ѝ требаше подолго време за да пријави вкупен трошок од 14,8 милијарди долари. Француската енергетска групација допрва треба да го отпише својот удел од 20 отсто во проектот Yamal LNG. „Шел“ наплати 4,1 милијарди долари, додека норвешката нафтена и гасна група „Еквинор“ и австриската „ОМВ“ ги продадоа нивните капацитети за 1 и 2,5 милијарди евра.

Единаесет производители на автомобили имале заеднички трошоци од 6,4 милијарди евра. Рено отпишал 2,3 милијарди евра откако ја продал фабриката во Москва и уделот.

Повеќе од половина компании останаа во Русија

Според податоците на Економскиот факултет во Киев кои ги пренесе Фајненшл Тајмс повеќе од 50 проценти од вкупно 1871 компанија се уште работат во Русија. Тие компании се од Италија, Австрија, Швајцарија, Велика Британија. Сепак според одредени аналитичари одлуката да се остане и натаму и да се работи во Русија може да донесе уште поголеми загуби.

„Дури и ако некоја компанија изгуби многу пари напуштајќи ја Русија, оние што остануваат ризикуваат многу поголеми загуби. Излегува дека намалувањето и бегството било најдобрата стратегија за компаниите кои одлучуваат што да прават на почетокот на војната. Колку побрзо си заминал, толку е помала загубата“, рече Наби Абдулаев, партнер во стратешкото консултантско друштво „Контрол Рискс“.

„Групите кои сè уште работат во Русија преземаат коцкање со висок ризик,“ рече Ана Власјук, научен соработник. Построгите правила за излез што ги воведе Москва од почетокот на војната според неа ја направија експропријацијата веројатна и извлекувањето на какви било дивиденди од овие бизниси е речиси невозможно.

„Компаниите сè уште таму би било подобро само да го отпишат бизнисот. Мислам дека никој не е безбеден“, рече таа.

ТРТ БАЛКАН