ЗАПОЧНА ТУРНЕЈАТА НА ЈЕНС СТОЛТЕНБЕРГ НИЗ ЗАПАДЕН БАЛКАН – Денес во Сараево и Приштина, утре во Белград и Скопје

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, денес ќе го посети Косово, каде што ќе се сретне со претседателката на државата, Вјоса Османи и со претседателот на Владата, Албин Курти.

Според официјалната програма, Јенс Столтенберг ќе го посети и кампот „Nothing Hill“, на мировната мисија на НАТО КФОР, каде што ќе се сретне со командантот генерал Озкан Улуташ и ќе им се обрати на војниците, а ќе се сретне и со директорот на советодавниот тим за врски на НАТО, бригадниот генерал Хамерштајн.

Пред доаѓањето на Косово, денес генералниот секретар Јенс Столтенберг својата турнеја низ Западен Балкан ќе ја започне со посета во Босна и Херцеговина, каде што ќе се сретне со високиот претставник на меѓународната заедница во таа земја, Кристијан Шмит, како и со претседателката на Советот на министри на Босна и Херцеговина, Борјана Кристо.

Јенс Столтенберг ќе го посети и седиштето на НАТО во Сараево и ќе има средби со воени лидери и претставници на меѓународната заедница.

Генералниот секретар утре ќе престојува во Белград, каде ќе има средби со претседателот на Србија, Александар Вучиќ и со премиерката Ана Брнабиќ

Подоцна, во текот на денот, Јенс Столтенберг ќе допатува во Македонија, на средби со претседателот Стево Пендаровски и со претседателот на Владата, Димитар Ковачевски. Генералниот секретар на НАТО ќе се сретне и со претседателот на Собранието на Македонија, Талат Џафери и ќе се обрати пред Собранието.

Генералниот секретар на НАТО во среда ќе учествува на состанок со сојузничките лидери од регионот, што ќе се одржи во Тирана