ЗАПОЧНУВА СВЕТСКИОТ ЕКОНОМСКИ ФОРУМ ВО ДАВОС – Се собра светската деловна елита, како и активисти кои бараат повисок данок за милијардерите
Годишниот состанок на Светскиот економски форум (СЕФ) во Давос започнува денес и ќе трае до 19. јануари, а на него ќе присуствуваат повеќе од 100 претставници на држави, сите големи меѓународни организации, 1.000 партнери на СЕФ, како и граѓански лидери на општеството, експерти, младински претставници, социјални претприемачи и медиумски агенции. Вкупно се очекуваат околу 2.800 гости.
Клучните теми на овогодинешниот 54-ти форум во Давос се:
- Постигнување безбедност и соработка во поделен свет;
- Создавање раст и работни места за нова ера;
- Вештачката интелигенција како движечка сила за економијата и општеството;
- Долгорочна стратегија за климата, природата и енергијата.
Очекувано, добар дел од СЕФ ќе помине во дискусии за кризата на Блискиот Исток и војната во Украина. Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, ќе учествува преку видео повик .
Учесници на состанокот ќе бидат премиерот на Кина, Ли Кианг, државниот секретар на САД, Ентони Блинкен, советникот за национална безбедност на САД, Џејк Саливан, претседателот на Франција, Емануел Макрон, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, белгискиот и шпанскиот премиер Александар Де Кро и Педро Санчез, како и претседателот на Аргентина, Хавиер Милај.
Ќе учествуваат и генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, генералниот директор на Светската здравствена организација, Тедрос Аданом Гебрејесус, генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш, премиерот на Холандија, Марк Руте, премиерот на Грција, Киријакос Мицотакис, претседателот на Србија, Александар Вучиќ и други.
Освен нив, има и бројни еколошки активисти кои донесоа транспаренти со јасни пораки, како и оние кои сметаат дека треба да се воведат повисоки даноци за богатите. Конкретно се зборува за елитата која во Давос пристигнува со своите приватни авиони, еден од најголемите загадувачи на планетата, а истовремено се зборува и за негативните влијанија врз климата и животната средина.
Според програмата на форумот, извршниот директор на Microsoft, Сатја Надела, во вторник ќе разговара со основачот на СЕФ, Клаус Шваб. Потсетуваме дека, според CNN, Клаус Шваб е прогалсен за најдобар извршен директор во 2023 година бидејќи американската компанија повторно се појавува на пазарот како технолошки иноватор.
Во четврток, извршниот директор на компанијата за развој на вештачка интелигенција Open AI, Сем Алтман, ќе се обрати пред учесниците на во Давос, како дел од дебатата – „Технологијата во турбулентен свет“.
Секако и овојпат не може да се избегнат важните геополитички прашања, па на 54. Светски економски форум ќе се разговара и за споменатите конфликти, како и за „враќање на довербата“ меѓу државите и функционерите.
Светот, имено, со месеци е сведок на војната во Појасот Газа, за која многумина стравуваат дека ќе се претвори во поширок конфликт; тоа всушност го покажаа нападите на јеменските Хути врз бродови во Црвеното Море, кои рекоа дека напаѓаат од „солидарност“ со Палестинците.
Претседателот на САД, Џо Бајден ги опиша нападите на Хутите како закана за слободната трговија и нема сомнеж дека последиците веќе се чувствуваат. Египет објави дека приходите од Суецкиот канал се намалени за 40 отсто од почетокот на годината, додека нафтата порасна за повеќе од 2 отсто пред три дена.