Во пресрет на Денот на Царината – 14 Aприл, по повод 32-годишнината на Царинската управа, царинските службеници засадија околу 320 млади дрвца на гранични премини, покрај испоставите во внатрешноста и во дворот на Управата.
Како што информираат од Царинската управа, директорот Стефан Богоев посочил дека со ваквата акција се придонесува за заштита на животната средина и позитивни промени за идните генерации.
-Акцијата за засадување дрвца беше организирана во текот на изминатата работна недела на територија на целата држава и притоа беа опфатени над десет локации во околината на граничните премини и царинските испостави во државата, како и во седиштето на Царинската управа, на кои симболично беа засадени по 32 садници. Во акцијата беа вклучени царинските службеници од сите царинарници и од Управата, а при засадувањето на дрвцата на граничните премини се вклучија и колегите од соседните земји, се наведува во соопштението.