Застрашувачки: Астероид со големина на висококатница од 20 ката прелета веднаш покрај Земјата и никој не го виде
Вселенската карпа со пречник од околу 60 метри не била откриена од најсовремените инструменти бидејќи летала од правец на Сонцето.
Астероид со големина на солитер од 20 ката летал застрашувачки блиску до Земјата, на половина пат помеѓу нашата планета и Месечината, а астрономите го забележале дури два дена подоцна, објави НАСА, повикувајќи се на LiveScience.
Наречен 2023 NT1, астероидот со дијаметар од околу 60 метри прелета покрај нашата планета на 13 јули со брзина од 86.000 километри на час. Сепак, тој полета од правец на Сонцето и ниту еден телескоп не можеше да го сними додека не помине. Астрономите ја сфатија големината на карпата што прелета покрај Земјата дури кога беше фотографирана од телескопот АТЛАС во Јужна Африка на 15 јули. После тоа, тоа го забележале и други телескопи, соопшти Центарот за мали планети на Меѓународната астрономска унија.
Иако голем, астероидот 2023 NT1 не е доволно голем за да се смета за потенцијално опасен објект, а по пресметувањето на неговото движење, астрономите велат дека нема ризик од удар. Според пресметките, Земјата е безбедна од опасните астероиди, оние кои можат да ги збришат цивилизациите, во следните 1.000 години.
Сепак, опасноста е што е познато дека Сонцето е еден вид слепа точка во потрагата по астероиди кои минуваат покрај нашата планета. Астероид со дијаметар од 18 метри во 2013 година имаше слична траекторија, но падна во близина на Челјабинск, Русија. Експлозијата што ја предизвика оштети многу згради во областа и повреди околу 1.500 луѓе.
Додека научниците внимателно разгледуваат повеќе од 31.000 астероиди, тие се свесни за слепа точка. За да се справат со оваа закана, експерти на Европската вселенска агенција работат на подготовка на мисијата NEOMIR – во орбитата ќе биде испратен сателит кој ќе се наоѓа помеѓу Земјата и Сонцето и ќе бара опасни астероиди.