ЗАСТРАШУВАЧКИ ИНФОРМАЦИИ ОД ЛИБИЈА – Морето исфрла трупови, телата на загинатите лежат на улиците: “Може да има и 20.000 мртви, градот е целосно уништен…“
Либискиот град Дерна продолжи да ги брои загинатите во четвртокот, откако разорните поплави однесоа цели населби и оставија илјадници мртви.
Се стравува дека во поплавите во Либија загинале дури 20.000 луѓе, според изјавите на локалните власти, пренесува BBC. Градоначалникот на Дерна изјавил за тамошните медиуми дека проценува дека од 18.000 до 20.000 загинале кога двете брани пукнале, ослободувајќи еден вид на цунами вода додека луѓето спиеле.
Официјалниот претставник на Обединетите нации вели дека и источната и западната Влада побарале меѓународна помош и ги координираат напорите за помош на жртвите од поплавите.
Меѓународно признатата Влада на национално единство (ГНУ) се наоѓа на запад од земјата во Триполи, а паралелна администрација функционира на исток, вклучувајќи ја и Дерна.
Европската комисија најави испраќање помош од Германија, Романија и Финска за овој приморски град на истокот на Либија, каде ситуацијата е драматична.
Европската унија првично деблокираше помош од 500.000 евра, а Велика Британија најави 1,16 милиони евра за задоволување на најитните потреби на Либијците.
Во Дерна, која во неделата беше погодена од бурата „Даниел“ и предизвика пукање на брани, уништени се згради, однесени мостови, потопени цели населби и исчезнати патишта, оставајќи го градот непрепознатлив.
Бројот на загинати продолжува да расте. Телата завиткани во ќебиња се наоѓаат на улиците, а други се натрупани во камиони на патот кон гробиштата. Од Средоземното Море од вторникот се вадат и мртви тела.
Властите стравуваат дека конечниот број на загинати би можел да биде многу поголем.
Официјален претставник на Меѓународната федерација на здруженија на Црвениот крст и Црвената полумесечина објави „преголема“ бројка на загинати што може да изнесува илјадници, а 10.000 се водат за исчезнати.
Според Меѓународната организација за миграција (ИОМ), најмалку 30.000 луѓе кои живееле во Дерна, град со 100.000 жители, се раселени.
Дерна сега е достапна само преку два влеза од југ, од вообичаените седум, а честите прекини на струја и прекини на телекомуникациската мрежа ги ограничуваат комуникациите, велат од ИОМ.
Околу 3.000 луѓе исто така биле раселени во Ал Бајда и повеќе од 2.000 во Бенгази, градови позападно.
Ова е најлошата природна катастрофа што ја погоди Киренаика, источната провинција на Либија, од големиот земјотрес што го погоди градот Ал-Марџ во 1963 година.