Захарова: Загриженост во Москва по веста за српско оружје во Украина

 Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи Марија Захарова денеска изјави дека Москва ги следи информациите за можно снабдување на Украина со српска муниција, но дека за реакција се потребни факти, пренесува весникот „Данас“.

Според неа, досега добиените информации „предизвикуваат најголема загриженост“.

– Ова е премногу сериозно прашање, покрај другите работи, од гледна точка на руско-српските односи, за уште сега да се реагира соодветно. Потребно е да се потпреме на фактите, рече Захарова.

Рускиот продржавен медиум „Маш“ на крајот на февруари објави дека оружје од српската воена фабрика „Крушик“, преку Турција и Словачка, завршува во Украина.

Компанијата Крушик демантираше поврзанос со продажбата на ова оружје на краен корисник од Украина, а истото го направи и српскиот министер за одбрана Милош Вучевиќ.

Тој додаде дека Србија „апсолутно не извезува оружје ниту во Украина, ниту во Русија“.