“ЗА АЛБАНИЈА И АЛБАНЦИТЕ ЕРДОГАН Е ПОТВРДЕН ПРИЈАТЕЛ!“ – Еди Рама апелира до граѓаните со албанско потекло во Турција да гласаат за ‘султанот’
Премиерот на Албанија, Еди Рама му изрази поддршка на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган на претседателските избори во Турција, што ќе се одржат на 14. мај, повикувајќи ги граѓаните со албанско потекло да гласаат за него.
Преку видео-порака на социјалната мрежа Твитер, Еди Рама вели дека – „Ердоган направил извонредна работа за својата земја“.
„За Албанија и Албанците Ердоган е добар и потврден пријател во најтешките денови“, додава Еди Рама, повикувајќи ги турските државјани со албанско потекло гласот да го дадат за Реџеп Таип Ердоган.
Овој апел на Еди Рама, поранешниот албански претседател, екс-премиер и актуелен лидер на побројното крило на опозициската Демократска партија, Сали Бериша, го оценува како „скандалозно и невидено мешање на премиерот во избори на земја која не е Албанија“.
„Јавно го осудувам скандалозното мешање на Еди Рама во изборната кампања на нашата пријателска земја Турција. Личните врски на Еди Рама со претседателот Ердоган не се во согласност со стандардите на традиционалните врски меѓу нашите слободни и пријателски народи. Овие врски се првенствено во функција на нивната меѓусебна моќ“, вели Сали Бериша.
Спротивно на Еди Рама, тој побара од Албанците кои живеат во Турција „да ги затворат ушите и да не го слушаат“ и секој турски граѓанин со албанско потекло да гласа за „своите слободи, а не да биде под влијание на никаков повик“.
Според медиумите, во Република Турција живеат околу милион граѓани со албанско потекло.