За една недела имунизирани над 10 илјади граѓани против сезонски грип

-Одличен одзив за вакцинација против сезонски грип, за една недела од почетокот на вакцинацијата, пријавени се 51.649, а имунизирани до сега се над 10.000граѓани.

Оваа информација ја сподели Министерот за здравство д-р Фатмир Меџити кој денеска го посети вакциналниот пункт во Поликлиника „Бит-пазар“, со цел лично да се запознае како тече процесот на вакцинација против сезонски грип.

Меџити при посетата истакна дека од витално значење е да се подигне свесноста за придобивките од вакцинацијата и заедно да бидеме посветени на нашите заложби да се заштитиме себеси и оние околу нас.

Годинава, Министерството за здравство обезбеди 60.000 вакцини наменети за имунизација на ризичните категории граѓани и здравствените работници кои се бесплатни, додека Центрите за јавно здравје обезбедуваат вакцини и за комерцијална употреба.

Граѓаните за вакцинација може да се пријават преку веб-страницата vakcinacija.mk каде ќе добијат СМС-порака со информација каде можат да дојдат и да се вакцинираат против сезонски грип.