Веќе 80 отсто од јагнињата се откупени и се обработуваат за извоз за католички Велигден. Главно извозот е на италијанскиот пазар.
Според сточарите, откупната цена од 220 до 240 денари за килограм жива мера е ниска и не ги покрива основните трошоци. Но, мора да ги продадат јагнињата зашто така ќе ги добијат субвенциите.
-Оваа цена што ни ја понудија кланичарите, од 220 до 240 денари е ниска, но мора да ги дадеме втасаните јагниња зашто така ги добиваме субвенциите. Имаше извоз за косовскиот пазар од 320 денари, ама тоа е ризик зашто не добиваме право на субвенции. Цената не ги покрива основните трошоци, вели Зоран Спасески, сточар од прилепското село Мало Коњари.
Тој е еден од двајцата сточари во селото кои упорно се занимаваат со одгледувањето овци од поранешните 38 семејства и стадата од вкупно 3 500 грла овци.
-Само љубовта спрема одгледувањето овци и занимавањето со оваа сточарска гранка ме одржува. Откако знам се занимавам со овчарство, но нема кој да не наследи. Ако не се субвенциите, тешко дека ќе се одржи оваа гранка, вели Спасески.
Спасески смета дека неможноста сам да ги бира пласманот и пазарот влијаат на моменталните состојби во овчарството.
-Како прво, сакам и треба јас да го избирам пазарот кому и како ќе ги продадам јагнињата, а не да бидам условуван. Состојбите се тешки и ако вака продолжат ќе нема овци во земјава, смета Спасески.
Ккао сточар и од искуство, Зоран Спасески од прилепско Мало Коњари вели дека тешко дека ќе остане јагне за православниот Велигден. А и продажната цена е висока.
-Тешко дека ќе има јагнешко за православниот Велигден. И тоа што иде, ќе има цена од околу 800 денари за килограм. Кој ќе купува? Замислете, продаваме по 220 до 240 денари жива мера, а малопродажната цена е 800 денари за килограм. Каде оди заработувачката, прашува сточарот Зоран Спасески од прилепското село Мало Коњари.