– Украинскиот претседател Владимир Зеленски денес го поздрави новиот пакет помош за одбраната на Украина од соседна Полска.
„Ја цениме непоколебливата поддршка на Полска и новиот пакет воена помош за Украина, како и новата форма на соработка насочена кон купување оружје во поголем обем за потребите на Украина“, рече Зеленски на Телеграм, по разговорот со полскиот премиер Доналд Туск, кој го посети главниот град на Украина, Киев.
Истакнувајќи дека имале „многу продуктивни преговори“ за сите аспекти на билатералните односи, Зеленски рече дека новата форма на соработка меѓу двете земји вклучува полски кредит за Украина.
Зеленски додаде дека разговарале за можностите за идно заедничко производство на оружје.
Туск претходно денес пристигна во официјална посета на Киев. Тој треба да се сретне и со украинскиот премиер Денис Шмихал.