– Руските окупатори „брутално“ го нападнаа украинскиот регион Херсон, во чии гранатирања има многу мртви и ранети, изјави доцна синоќа украинскиот претседател Владимир Зеленски.
Соопштувајќи ги деталите за загинатите, Зеленски преку својата веб-страница истакна дека еден човек се здобил со тешки изгореници кога селото Велетенске било под тешко гранатирање и неговата куќа се запалила.
„Во селото Широка Балка во нападите на руската артилерија загинаa пет лица, меѓу кои и девојче старо 22 дена, нејзиниот 12-годишен брат и 39-годишната мајка“, изјави Зеленски, изразувајќи сочувство.
„Селото Станислав исто така беше под руско бомбардирање, со двајца загинати и двајца ранети“, истакна тој.
„Вкупно, од почетокот на овој ден до 18 часот, веќе има 17 јавувања за гранатирање само од регионот Херсон“, истакна тој.
Додаде дека други напади се случиле во Миколаев, Запорожје, Донбас, Харков и пограничните области со Русија на североисток.
Зеленски ги пофали украинските војници.
„Насекаде нашите борци возвраќаат на окупаторскиот терор. Нема ниту еден ден руското зло да не ја добие нашата целосно правична одмазда“, рече украинскиот претседател.
„Секој окупатор уништен, секое парче руска опрема изгорено, оган наместо нивните штабови и магацини, многу елоквентниот чад на Керченскиот мост и многу повеќе – сето тоа докажува дека нема да оставиме ниту едно од руските злосторства без одговор.“
Зеленски истакна дека секој украински војник има „можност да донесе правда во Украина“.
„Или се борите за Украина, или помагате во борбата и спасувањето животи“, рече тој, повикувајќи ги сите луѓе да ѝ помогнат на земјата.
Пофалувајќи го успехот на украинските сили против Русите, Зеленски рече: „Секогаш имаме за што да им се заблагодариме на нашите борци, Украина е поблиску до правдата, поблиску до победата.“
„И руските убијци на наша територија се поблиску до уништување.“
„Ова е единствениот начин на кој можеме да создадеме услови цела Украина повторно да стане слободна и безбедна“, рече тој.
Нарекувајќи ги руските војници „терористи“, Зеленски истакна дека тие „мора да почувствуваат само едно нешто: дека ќе бидат уништени“.
Украинскиот претседател им се заблагодари на сите украински лекари и медицински сестри кои работат на подрачјата на линијата на фронтот за да ги спасат украинските цивили и војници.
„Знаеме дека слободата е бесценета и знаеме како да ја браниме. Знаеме како да го заштитиме животот“, рече тој.