Украинскиот претседател Владимир Зеленски изјави дека со голема решителност се подготвуваат за контранапад во војната против Русија, дека за кратко време ќе преземат важни чекори и дека се мотивирани да го сторат тоа.
За време на посетата на Рим, каде што во саботата се сретна со италијанските официјални претставници, Зеленски одговараше на прашањата на новинарите во програмата на италијанската државна телевизија.
На потсетување на новинарите дека „италијанската јавност е уморна да го поддржува Киев“, Зеленски рече:
„Да замислиме дека (рускиот претседател Владимир, заб.ав.) Путин дошол во земјите на НАТО. Тогаш во таа војна ќе ги пратите вашите граѓани, вашите татковци, вашите деца затоа што сте членки на Алијансата. Јас сум прагматична личност. Вашето општество би требало да го разбере тоа, подобро да ѝ се помогне на Украина отколку да ги праќа своите граѓани во војна.“
Зеленски рече дека успеале да го заштитат своето небо благодарение на Италија и Франција и дека ќе изгубеле повеќе ако не биле противвоздушните одбранбени системи преземени од тие земји.
Наведувајќи дека е важно да се стави крај на војната, Зеленски тврди дека Путин е „агресивен“ и дека не сакаат да живеат во хаос.
Зборувајќи за телефонскиот разговор што го имал со кинескиот претседател Си Ѓинпинг, Зеленски рече:
„Разговаравме за важни прашања. Реков оти веруваме дека Пекинг нема да ѝ испорачува оружје на Москва. Си одговори дека тие нема да испорачаат оружје и нема да ја поддржат Русија.“
Зеленски накратко ги коментираше мировните преговори што Ватикан и папата Франциск ги ставија на дневен ред.
„Го почитувам папата, но ни треба мир, а не посредник. Го повикуваме папата да работи за праведен мир како другите лидери, но прво треба да направиме други работи. Не можете да посредувате со Путин, ниту една земја во светот може да го направи тоа“, истакна Зеленски.
Изразувајќи дека нема волја да разговара со рускиот претседател, Зеленски тврди дека излезот за Украина е контранапад и дека откако ќе стигнат до границата со Крим, поддршката за Путин во Русија ќе опадне.
На прашањето кога ќе се случи украинскиот контранапад, Зеленски рече:
„За кратко време ќе се преземат важни чекори. Се подготвуваме со голема одлучност и ќе дојдат важни чекори. Мотивирани сме за тоа. Не можам да дадам одговор за времето и методите, но ќе видите. Веруваме во победа.”
За можноста за употреба на нуклеарно оружје во војната, Зеленски рече дека верува оти Путин нема да користи нуклеарно оружје.
„Никој не знае што се случува во главата на претседателот на Русија, но не треба да се плашиме. Путин има голема волја за живот и ќе се обиде да направи сѐ за да живее“, рече Зеленски, пренесе ТРТ БАЛКАН.