Шолц му се заблагодарува на Зеленски за одбраната на европските вредности

– Германскиот канцелар Олаф Шолц му се заблагодари на украинскиот претседател Володимир Зеленски за одбраната на европските вредности во контекст на инвазијата на Русија врз Украина.

Шолц, за време на доделувањето на наградата Карло Велики на украинскиот лидер во германскиот град Ахен, потсети како Зеленски ја покажал украинската решителност со силни зборови утрото на рускиот напад.

– Претседателот е тука. Сите сме тука, рече Шолц на украински, цитирајќи ја првата видеопорака на Зеленски по инвазијата.

– Ретко во историјата толку куси зборови имаа толку голем ефект, нагласи Шолц.

Веднаш беше јасно дека украинскиот народ нема да попушти на насилството на Русија, туку ќе се спротивстави, се потсети Шолц, пренесе ДПА.

– Европа многу му должи многу на украинскиот народ и лично на претседателот Володимир Зеленски. Ние стоиме заедно! Ние припаѓаме заедно! И нашата приказна ќе продолжи заедно, подвлече германскиот канцелар.

Шолц го опиша доделувањето на наградата Карло Велики на Зеленски и неговиот народ како увертира за понатамошен заеднички раст во Европа.

– Ако Владимир Путин веруваше дека може да употреби сила за да ја одврати украинската нација од нејзиниот пат кон Европа, тогаш тој – со сите негови тенкови, дронови и ракетни фрлачи – не направи ништо друго освен спротивното, рече Шолц.

– Волјата за слобода и издржливоста во мрачните времиња даваат надеж и инспирација многу подалеку од Украина. На чело на целиот украински народ, вие ги браните вредностите за кои се залага Европа, рече Шолц за Зеленски.