Русија тврди дека спречила „терористички чин“ во регионот Краснојарск

 – Русија денес соопшти дека спречила „терористички чин“ во затворениот град Зеленогорск, во областа Краснојарск.

„Федералната служба за безбедност на Русија (ФСБ) за Краснојарската територија, во соработка со Федералната служба за безбедност на Русија за Централниот воен округ … спречија терористички акт на територијата на ЗАТО Зеленогорск“, јави државната новинска агенција РИА цитирајќи соопштение од ФСБ.

Во соопштението се наведува дека безбедносната служба привела двајца приврзаници на организацијата „Граѓани на СССР“ кои планирале да кренат во воздух станици на државните телекомуникациски компании Ростелеком и ТрансТелеком.

Приведените требало да купат експлозив преку трето лице, но биле приведени од ФСБ при овој процес, се додава во соопштението.

Организацијата „Граѓани на СССР“ е составена од различни групи што веруваат дека Советскиот Сојуз и понатаму постои. Таа беше ставена на листата екстремистички организации од страна на руското Министерство за правда во август 2022 година.

Зеленогорск е затворен град, кој бил вклучен во збогатувањето на ураниумот за време на советската ера. Градот и понатаму е затворен, со пристап само преку посебна дозвола.