Земјите од регионот на врвот на светската листа по бројот на парчиња оружје на сто жители

 – Според истражувањето на меѓународната агенција „Small Arms Survey“ со седиште во Женева, во светот има над една милијарда парчиња огнено оружје, од кои поголем дел е во рацете на цивилите, а многу од земјите на Западен Балкан се на врвот на листата на држави со најголем број парчиња оружје на сто жители.

Според последното истражување, од 2018 година се проценува дека околу 85 отсто од оружјето се во рацете на цивилите, 13 отсто во воените арсенали и два отсто во сопственост на агенциите за спроведување на законот.

Околу четири од десет парчиња огнено оружје поседуваат американските цивили бидејќи Соединетите Американски Држави (САД) имаат четири отсто од светското население, но американските цивили поседуваат околу 40 отсто од огненото оружје во светот.

САД имаат околу 121 парче огнено оружје на секои сто жители, а втора земја на листата е Јемен со околу 53 парчиња.

Според истражувањето, на трето и четврто место се Црна Гора и Србија, со еднаков број парчиња оружје на сто жители, односно 39,1. Се наведува дека во Србија цивилите имаат 2.719.000 парчиња оружје, од кои 1.186.086 се регистрирани, додека 1.532.914 се нерегистрирани. Во Црна Гора има 245.000 парчиња оружје, 103.536 регистрирани и 141.464 нерегистрирани.

Босна и Херцеговина се наоѓа на 11. место, а според податоците на „Small Arms Survey“ на сто жители се регистрирани 31,2 парчиња оружје. Се наведува дека во Босна и Херцеговина има вкупно 1.185.000 парчиња оружје, од кои 353.000 се регистрирани, додека 832.000 се нерегистрирани.

Нешто подобра е статистиката на Северна Македонија, која се наоѓа на 13. место со 29,8 парчиња оружје, со вкупен број од 621.000, додека Косово е на 17. место со 26,3 парчиња оружје на сто жители, односно вкупно 436.000 парчиња оружје.

На крајот на листата се земјите како Индонезија и Јапонија кои немаат повеќе од едно огнено оружје на 100 жители.