Земјотрес со јачина од 7,3 степени го погоди Вануату

 Земјотрес со јачина од 7,3 степени е регистриран во јужниот дел на островите Вануату, соопшти Американскиот геофизички институт.

Епицентарот на земјотресот, почувствуван во 12:56 часот по Гринич, бил во морето, на длабочина од 35 километри, на околу 23 километри јужно од градот Исангел.

Американскиот систем за предупредување од цунами соопшти дека огромни бранови би можеле да стигнат 300 километри од епицентарот, вклучувајќи ги и бреговите на Вануату и Нова Каледонија.

Вануату е независна островска држава во Океанија. Островите во земјата се од вулканско потекло и се наоѓаат на 1.750 километри источно од Австралија, 540 километри североисточно од францускиот регион Нова Каледонија, југоисточно од Соломонските Острови и западно од Фиџи.