Злоупотребиле 3,2 милиони евра во Фондот за иновации и технолошки развој за непостоечки проекти, 60 фирми под истрага
По внатрешната ревизија во Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР) што ја иницираше досегашниот директор Никола Додов, констатирано е дека во последните 5 години сума од 3,2 милиони евра должат 60 компании кои не ги исполниле своите обврски кон државата. Наместо да ги искористат средствата за реализација на проектите, Додов рече дека реализирале фантомски проекти, без конкретни резултати, што резултирало со пропаднати проекти.
Тој ги обвини претходните раководители на оваа дирекција, додавајќи дека тие фаворизирале поединци блиски до политички функционери и дека се фаворизирани два града, без да наведе за кои фирми, градови или личности се работи.
„Во последниот период се соочивме со сериозни неправилности во работењето на Фондот поврзани со долг од фирми кои не ги исполниле своите обврски кон државата. Според нашите сознанија, јасно е дека овие фирми и должат на државата 192.888.642 милиони денари или околу 3,2 милиони евра. Овие средства, кои беа наменети за поддршка на развојни и иновативни проекти, 60 компании ги злоупотребија, наместо да ги користат средствата за реализација на проекти, тие изработија фантомски проекти“, рече Никола Додов, директор на ФИТР.
Но, тоа го демантира претходниот директор Фестим Халили, кој две години го водеше фондот. Тој вели дека проектите ги следи и одобрува меѓународна комисија составена од пет експерти, на транспарентен и јавен начин.
„Конечната селекција ја прави комисијата за одобрување инвестиции, која ја сочинуваат пет светски експерти. Можам да кажам со целосно убедување бидејќи целиот овој процес помина низ транспарентни фази, каде што јас како директор и ниту еден од вработените во ФИТР не учествував во изборот на компании кои ќе бидат победници. Немам ни законско право да бидам вклучен во процесот на селекција на фирма“, изјави Фестим Халили.
Исто така, како што информира Додов, ревизијата досега утврдила дека 50 приватни здравствени установи ги искористиле средствата на Фондот за набавка на медицинска опрема за време на кризата со Ковид-19, што е во спротивност со Законот за трговски друштва. Ова го демантира поранешниот директор Халили, кој вели дека јавниот повик за кофинансирани грантови за технолошки развој за забрзан економски раст е посветен на приватните здравствени претпријатија и институции, за да им се помогне да се модернизираат, особено за време на пандемијата со Ковид-19.