ЗНАМ: Нема преговори со ВМРО-ДПМНЕ за размена на ресори, во Куманово ќе одат со сопствен кандидат

Движењето ЗНАМ – За наша Македонија денеска соопшти дека владиното мнозинство е стабилно и дека не се водат преговори со ВМРО-ДПМНЕ за размена на министерски ресори. Од партијата порачаа дека јавноста треба да биде информирана точно и навремено, отфрлајќи ги, како што велат, шпекулациите околу односите во коалицијата.

„ЗНАМ за сите отворени прашања и забелешки разговара директно со премиерот и во рамки на работната група каде учествува како политички субјект. Таму се усогласуваат политиките и се следи реализацијата на владината програма“, стои во соопштението.

Од ЗНАМ истакнуваат дека на претстојните локални избори ќе настапат самостојно со свои листи за советници во општините, додека за кандидатите за градоначалници во некои општини ќе има координација и договор со ВМРО-ДПМНЕ. Кандидатот кој ќе добие поддршка од двете партии, ќе настапи во првиот изборен круг.

За Куманово, од ЗНАМ најавуваат дека ќе имаат свој кандидат за градоначалник, а конечната одлука за тоа кој ќе ја носи кандидатурата ќе ја донесат партиските органи на локално ниво.