Планинската висорамнина Чиапас во јужно Мексико е местото на семејната фарма Еделман, каде што 150 фармери на кафе работат со часови секој ден.
Томас Еделман е четврта генерација фармер на кафе и потпретседател на Coffee Farmer’s Co-op, меѓународна организација која ги обединува фармерите на кафе. Во интервју за Си-Ен-Ен изјави дека нивниот метод на производство на кафе е поотпорен на суша. Сепак, оваа година сушната сезона е невообичаено долга, за што Еделман ги обвинува климатските промени. Поради толку долга суша, земјоделските култури страдаат.
„Ако немате соодветен тајминг, нема да имате соодветно производство. Очигледно, со ниски приноси, трошоците за производство се зголемуваат“, истакна Еделман.
Повисоките трошоци за производство би можеле да доведат до зголемување на цените на кафето. Упатените веруваат дека овој раст би можел да потрае, бидејќи факторите како климатските промени ја намалуваат глобалната понуда на кафе.
Меѓународната организација за кафе (ICO), организација основана во 1963 година со поддршка на Обединетите нации, објави минатиот месец дека композитната цена на индикаторот ICO како клучна референтна цена во глобалната индустрија за кафе достигна највисок просечен износ во последните 13 години – 2,27 долари за речиси половина килограм кафе.
„Кафето е многу комплицирана стока. Една од причините за тоа е што постојат повеќе рамки на понуда и побарувачка, кои влијаат на цената“, вели Рајан Делани, основач и главен аналитичар на американската организација Coffee Trading Academy.
Според него, во светот едноставно нема доволно кафе.
Климатските промени предизвикуваат пораст на цените
Почесниот професор на Колеџот за земјоделство и животни науки на Американскиот универзитет Корнел, Мајкл Хофман потсети дека кафето е многу почувствително на температурни промени од многу други култури. Неодамнешните настани поврзани со климата не го фаворизираат производството на кафе.
„Климатските промени се влошуваат. Само замислете полошо време, зголемени температури и директно влијание врз оние кои работат на плантажите за кафе. Кафето веројатно само ќе поскапи за (потрошувачите)“, изјави Хофман.
Упатените често велат дека кога Бразил „кива“, остатокот од светот настинува, што е упатување на неговиот статус како производител број еден на Арабика, премиум сортата на кафе што сочинува повеќе од 60 отсто од вкупното производство на кафе.
Кога невообичаено силен мраз ги десеткуваше посевите на Арабика во летото 2021 година, пазарот на кафе беше погоден од шок за снабдување. Но, влијанието на мразот не заврши на Арабика. Делани истакна дека не е невообичаено да се види како потрошувачите се префрлаат од Арабика на Робуста, поевтин вид зрна што се користи за правење инстант кафе. Меѓутоа, како што се повеќе луѓе се свртуваат кон Робуста, тоа влијае и на цените на оваа сорта на кафе.
„Општо земено, кога цената на Арабика расте, расте и цената на Робуста“, нагласи Делани.
Сепак, како што напомена, ретко се случува побарувачката за Робуста да ја надмине побарувачката на Арабика, но токму тоа се случи поради континуираното поскапување на Арабика.
Како што сугерира неговото име, Робуста е многу потврдо растение, но и покрај тоа што може да издржи долги сушни периоди, неговите посеви исто така беа погодени од суша и високи температури.
Имено, Министерството за земјоделство на Соединетите Американски Држави во мај годинава објави дека Виетнам, најголемиот производител на кафе Робуста, веќе неколку години е погоден од неповолни временски услови, поради што извозот на споменатата сорта на кафе од оваа земја е намален за седум отсто. Министерството соопшти дека поради климатските промени ваквите временски услови ќе зачестат.
Што значи ова за вашето кафе
Трговците со кафе веќе го чувствуваат притисокот. Италијанскиот производител на кафе Lavazza за Си-Ен-Ен изјави дека ги зголемил цените од неколку причини.
„Комбинацијата од лоша жетва, климатските промени, војната во Украина, конфликтот во Црвеното Море и силниот долар создаде „совршена бура“ за индустријата за кафе, која после пандемијата на корона вирусот цената спирално се зголемува “, соопшти италијанската компанија.
Нестле, чиј бренд е Нескафе, го наведе зголемувањето на трошоците за производство на Робуста како причина за минатогодишното намалување на нејзината профитна маржа. Во јуни годинава укажаа дека се соочуваат со предизвикувачки околности за утврдување на цените бидејќи некои престанале да купуваат кафе поради неговото поскапување.