Мерката е дел од обидот да се вдахне живот во градовите и селата каде населението се намалува. За да ги добијат паричните средства, семејствата мора да се преселат надвор од поширокото подрачје на Токио.
Владата на Јапонија понуди финансиски стимул од 7.500 долари по дете на семејствата кои ќе се иселат од Токио, во обид да се запре падот на населението во другите неразвиени региони. Овој надомест е повеќе од трипати повисок во однос на претходниот за преселување, а ќе биде воведен во април оваа година, според извештаите во јапонските медиуми.
Мерката е дел од обидот да се вдахне живот во градовите и селата каде населението се намалува, наведува британскиот весник „Гардијан“. Иако населението на Токио се намали за првпат минатата година, делумно објаснето со пандемијата на коронавирус, креаторите на политиката веруваат дека треба да се направи повеќе за да се намали густината на населението во главниот град и да се охрабрат луѓето да започнат нови животи во „непопуларните“ делови од земјата погодени од пад на населението и миграцијата на помладите луѓе во Токио, Осака и други големи градови.
Исплатата, која може да достигне максимум 23.000 долари, ќе биде достапна за семејствата кои живеат во 23 „централни“ области на Токио и соседните префектури Саитама, Чиба и Канагава.
Кои се условите за добивање на бенефициите?
За да ги добијат бенефициите, семејствата мора да се преселат надвор од поширокото подрачје на Токио, иако некои би можеле да добијат компензација за преселба во планинските области на територијата на градот, објави новинската агенција Кјодо, цитирајќи официјални претставници.
Околу 1.300 општини, околу 80 отсто од вкупниот број, се приклучија на оваа иницијатива, надевајќи се дека ќе ја искористат промената во ставовите на јавноста кон квалитетот на живот, која доби особена динамика за време на пандемијата, кога повеќе луѓе ги открија придобивките од работа на далечина.
Семејствата кои се надеваат дека ќе обезбедат лесен приход и ќе се вратат во главниот град би можеле да бидат разочарани, бидејќи тие мора да живеат во своите нови домови најмалку пет години и еден член на домаќинството мора да биде вработен или планира да започне нов бизнис во таа средина, додека оние кој би се иселил пред крајниот рок мора да ги врати добиените пари.
Половина од средствата за оваа иницијатива, чија цел е да се преселат 10.000 луѓе од Токио во руралните области до 2027 година, се обезбедени од јапонската влада, а другата половина од локалните општини, објави Кјодо.