Убалдо Сканагата, најпознатиот италијански спортски новинар, по финалето на завршниот Мастерс во Торино истакна дека играта на Новак Ѓоковиќ е најблиску до совршенство.
Тој со ова тврдење не згреши, АТП и аналитичката компанија „Tennis Insights“ го оценија квалитетот на играта на српскиот тенисер во победата во финалето во Торино против Италијанецот Јаник Синер (6:3, 6:3) со највисока оценка оваа сезона.
За таа цел е користен специфичен алгоритам кој го зема предвид квалитетот на нападот, степенот на реализација на нападот, освоените поени во одбраната и квалитетот на поединечните удари.
Во финалето, Новак Ѓоковиќ имаше ниво на квалитет на игра од 9,75, највисока оценка на АТП турнејата во 2023 година.
На второто место е Јаник Синер (9,63) во пресметката со Андреј Рубљев на Мастерсот во Мајами. Данил Медведев е трет (9,61) во финалето против Андреј Рубљев на АТП турнирот од серијата 500 во Дубаи.
Четвртото и петтото место повторно ги зазема Новак Ѓоковиќ, кој имаше 9,59 против Карлос Алкараз во полуфиналето во Торино и 9,54 против Талон Гриксспор во Дубаи.
Зборовите на Карлос Алкараз по неодамнешниот натпревар во Торино укажуваат на тоа колку е висок коефициентот на квалитетот на играта од 9,59.
„Едноставно не можев да одговорам на тоа ниво на игра“, истакна младиот Шпанец.
Новак Ѓоковиќ моментално се наоѓа во Малага каде ќе се обиде да и ја донесе втората Дејвис Куп титула на српската репрезентација во историјата.