– Израелската Армија денес објави дека бројот на загинати израелски војници е зголемен на 310 откако избија борбите со палестинските групи во Газа на 7 октомври.
Даниел Хагари, портпарол на Армијата, на прес-конференција рече дека семејствата на војниците биле известени за смртта.
Според него, палестинската група Хамас држи 233 израелски заложници во Газа.
Тој додаде дека бројките не се конечни, бидејќи војската продолжува да ги истражува новите информации.
Бригадите Ал Касам, военото крило на Хамас, соопштија дека држат во заробеништво од 200 до 250 луѓе, вклучувајќи израелски војници и цивили.
Хагари рече и дека израелската Армија ја продолжува офанзивата на Газа, додека фокусот синоќа бил на источниот дел на Газа.
Израелската Армија денес изврши ограничен копнен напад во близина на населбата Шуџаија.
Израелските воени претставници во неколку наврати потврдија дека Армијата е подготвена да изврши голема копнена операција во Газа, но чекаат зелено светло од политичкиот врв.
Конфликтот во Газа почна на 7 октомври кога Хамас ја започна операцијата „Поплава Ал Акса“ – повеќестран ненадеен напад, вклучително со зачестени ракетни лансирања и инфилтрации во Израел по копно, море и воздух.
Хамас соопшти дека нападот бил одмазда за нападот на џамијата „Ал Акса“ и насилството на израелските доселеници врз Палестинците.
Тогаш израелската Армија започна немилосрдно бомбардирање на Појасот Газа.
Во конфликтот загинаа најмалку 7.326 Палестинци и 1.400 Израелци.