ИЗБОРИ 2024: Во петок почнува собирањето потписи за претседател и пратеници во подрачните канцеларии на ДИК и пред овластени нотари
Рокот за собирање потписи за кандидати за претседател и за кандидати за пратеници започнува во петок на 23 февруари и ќе трае до 8 март, согласно роковниците на Државната изборна комисија (ДИК).
Државната изборна комисија (ДИК) на седница донесе Правилник за собирање на потписи, којшто денеска ќе биде објавен на веб – страницата на Комисијата sec.mk.
– Собирањето на потписи се одвива пред сите подрачни одделенија и канцеларии на ДИК сместени во седиштата на 34 локални самоуправи и пред надлежните нотари, за тоа и кон ова појаснување ќе бидат објавени и адресите на подрачните одделенија на ДИК пред кој се собираат потписите. Постапката почнува на 23 и трае непрекинато секој ден. Подрачните одделенија ќе работат две смени. Наутро од 8 часот до навечер до 20 часот, додека последниот ден на 8 март ќе работат до 24 часот, информира членот на ДИК Борис Кондарко.
Иницијативата за собирање потписи за поддршка на поднесена листа на кандидат за претседател и пратеници, како што рече, се поведува со поднесување на известување и изјава на ДИК од страна на предложениот кандидат односно лицето овластено од негова страна со генерално известување заверено на нотар. Потребните документи ќе бидат објавени на веб страната на ДИК и сите заинтересирани ќе можат од таму да ги симнат.
ДИК денеска го усвои и Павилникот за постапување на полицијата за време на спроведување на изборите. Претседателот на Комисијата Александар Даштевски истакна дека се работи за истиот Правилник од изборите во 2021 година.