ИЗБОРИ 2024/Османи: Не ја преземаме претседателската функција за да покажеме доминација, работиме за заедничка држава
Министерот за надворешни работи и кандидат за претседател на претстојните избори, Бујар Османи, гостувајќи во емисија на Топ чанел, меѓу другото истакнал дека „Албанците бараат единство, а не доминација“.
Османи кажал дека е достоен да ја извршува таа функција бидејќи е единствениот кандидат со меѓународно искуство, и нагласил дека изборот на претседател од етнички аспект мора да заврши.
-Обвинувањата беа „Албанците не треба да излезат со кандидат кој ги преминува етичките граници“. Затоа излегуваме со кандидат, кој е единствен во трката со меѓународно искуство. Јас го водев ОБСЕ. Ако на овие избори повторно се избира претставникот од етички аспект, нема причина Албанците да бидат алиби за изборен процес и ќе инсистираме овие да бидат последни избори на ваков начин, да се смени Уставот и претседателот да биде избран во парламентот со две третини од гласовите, рекол Османи.
Тој оценил дека начинот на избор на претседател во Северна Македонија е погрешен бидејќи во мултиетничките општества, каде што изборите се моноетнички, многу заедници се исклучени што, посочил, носи незадоволство кон претседателот и како последица на тоа криза, бидејќи не е прифатен од дел од населението.
-Ние работиме за заедничка држава, господари сме во сопствената куќа. Ние не сме малцинство, ние ја водиме државата. Ова е пристап кој е погрешно разбран и во Косово и во Албанија. Не ни треба покровителство, ние сме господари во својата куќа. Пред 20 години бевме исклучени. Во институциите во 2001 година бевме 0,2 Албанци, денес сме околу 25 проценти. Не ја преземаме претседателската функција за да покажеме доминација. Тоа не е забранета област. Претседателот, кој ја има улогата на обединувач, треба да го изберат сите заедно, додал Османи.