Изборот за нов генерален секретар на НАТО е речиси невозможна мисија: Ова се трите сериозни имиња кои се разгледуваат…

Изборот на генерален секретар на НАТО претходно се сметаше за речиси рутинска работа. Порано, клучните земји дискретно се договараа меѓусебно, а другите членки секогаш го прифаќаа тоа, но сега процедурата е многу потешка бидејќи НАТО има двојно повеќе членки отколку кога, на пример, пред речиси 30 години Хавиер Солана беше избран за генерален секретар, пишува хрватскиот весник Jutarnji List

Од друга страна, се подига и нивото од кое доаѓа генералниот секретар. Додека порано главно доаѓаа од ниво на министри за надворешни работи или одбрана, последните двајца генерални секретари беа претседатели на Влади. Сега не е лесно да се протурка некој што е од пониско ниво, а НАТО е и поголем и поважен со оглед на состојбите во светот и пошироката улога што ја има оваа воена алијанса.

Изборот на генерален секретар на НАТО е потежок по проширувањето бидејќи мора да се земат предвид неколку критериуми. Од тоа дали доаѓа од јужна или северозападна земја до тоа дали е доволно дистанциран од Русија и Кина без да биде премногу радикален и дали доаѓа од земја која е пример за инвестирање во одбраната или не. Сега се појавува и родовиот критериум, бидејќи пожелно е за прв пат во историјата жена да застане на чело на НАТО.

Иако е јасно дека на крајот големите држави, САД, Велика Британија, Германија, Турција и Франција го имаат последниот збор, формално одлуката за новиот генерален секретар на НАТО, како и секоја друга одлука во Алијансата, мора да биде усвоена со консензус на сите земји-членки. А со оглед на тоа што сега ги има 31, нема да биде така лесно.

Се помалку има шанси за консензус во НАТО до следниот самит, кој за три недели ќе се одржи во Вилнус. Многу имиња кои во минатото се споменуваа како потенцијални наследници на Јенс Столтенберг отпаднаа.

Некои беа отфрлени поради блискост со Владимир Путин, а други според фактот дека не се залагаа доволно за зајакнување на одбраната на национално ниво. И многу имиња беа фрлени во јавниот дискурс само како шпекулации за тестирање на расположението.

Во моментов, според дипломатски извори, сериозно се размислува за само три имиња, но првиот можен кандидар, холандскиот премиер Марк Руте, не го интересира тоа. Вториот, актуелниот британски министер за одбрана Бен Валас, кој ја сака таа позиција, не ја ужива поддршката од сите членки. Ова би го намалило нивото бидејќи тој не е претседател на Влада или држава, а од друга страна, Велика Британија повеќе не е членка на Европската унија, што е важно во време кога блиската соработка и координација во прашањата на одбраната е потребна за безбедност. А сегашниот генерален секретар Јенс Столтенберг е од Норвешка, која не е во ЕУ, но има подобри односи со ЕУ од Велика Британија.

Сериозен кандидат е и данската премиерка Мете Фредериксен, но нема да биде лесно да се постигне консензус во врска со неа.

Лидерите на НАТО на самитот во Вилнус најверојатно ќе побараат од актуелниот генерален секретар Јенс Столтенберг да остане на функцијата уште една година, што би било четврто продолжување на неговиот мандат. Девет години е на чело на НАТО, а го чека функцијата гувернер на Норвешката народна банка.