Изгаснат пожарот во галијата на Вардар во Скопје, причината ќе се утврдува дополнително

Изгаснат е пожарот што избувна денеска околу 13 часот во галијата на Вардар кај х. Холидеј Ин во Скопје. Нема повредени лица, а причината ќе се утврдува дополнително.

-Со брзата интервенција на три противпожарни екипи на Противпожарната бригада на Град Скопје е изгаснат пожарот во галијата. Засега причината е непозната, но нема довод на електрична енергија, а има поголема количина на смет, причината е најверојатно човечки фактор, истакна командантот на противпожарната бригада, Звонко Томески.

Дојавата за пожар во една од галиите на Вардар ја добиле во 13:01 часот и испратиле три противпожарни возила.

-Пристигнати се во 13:05, интервенирано е брзо, спречено е проширување на пожарот кој имаше зафатено дел од Галијата, односно надворешниот дел од предниот дел и внатрешно, каде што имаше депонирано поголема количина на смет. Интервенирано е брзо, пожарот е брзо ставен под контрола, истакна Томески во изјава за медиумите.

Додаде дека причината ќе ја констатираат другите служби но она што е видливо на самата галија е дека има поголема количина на смет и најверојатно престојувале лица кои биле во близина на самата галија.

– Нема довод на електрична енергија, најверојатно се работи за човечки фактор, ќе оставиме истражните органи да ја утврдат причината. Во самата галија со наше пристигнување не затекнавме никого, проверено е во целост, нема ниту повредени ниту загинати лица, информираше Томески.