Собраниската Комисија за европски прашања денеска ќе ја одржи 73. седница, на која се очекува да се дискутира по Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за Академија за судии и јавни обвинители, по скратена постапка.
Како што стои во образложението објавено на собраниската веб страница, со предложениот закон се врши подобрување на текстот на законот и надминување на состојби што практичната примена на истиот ги покажа како можни. Како што се посочува во предлог-законот, ќе се овозможи непречено спроведување на Приемниот испит во Академијата за судии и јавни обвинители.
-Предлогот на Закон за изменување и дополнување на Законот за Академија за судии и јавни обвинители содржи четири члена. Со членот 1 се врши надополнување на членот 40 со два нови става со кои се овозможува надминување на непредвидениот застој во постапката за полагање на приемниот испит во Академијата поради настан кој не можел да се предвиди, a со цел да се избегне опасноста од пропаѓање на испитниот процес на цела генерација имајќи го предвид големиот недостаток во државата на судии и јавни обвинители. Имено, во случај кога
единствениот електронски систем за полагање на испитите не е во функција како резултат на настани кои не можеле да се предвидат, а поради крајна итност за да не дојде до прекин во спроведувањето на приемниот испит, се предлага можност квалификацискиот тест да се полага во хартиена форма, а резултатите да се добијат со електронски читач, без вклученост на човечки фактор, водејќи сметка за анонимноста, интегритетот на испитниот процес и различноста на тестовите. Решението што се предлага е слично со решението содржано во Законот за дополнување на Законот за превоз во патниот сообраќај („Службен весник на РСМ бр. 67/22“), се посочува во Предлог-законот.
Со членот 2, како што стои во образложението, се врши корекција на математичка грешка направена во основниот текст на законот.
-Имено во членот 45 став 13 е направена пресметковна грешка предвидувајќи на усниот дел од испитот секој кандидат да добие максимум 30 бода со тоа што секој член на Приемната комисијата може да го оцени со најмногу пет бода. Вака поставената одредба содржи математичка грешка од причина што Приемната комисија има седум члена кои може да бодуваат со пет бода и при тоа ќе се добие збир од 35 бода, а не 30 како што е предвидено во Законот. Од тие причини, а со
цел да не се менуваат понатамошните вкупни бодови од целокупниот приемен испит се предлагаат измените на оваа одредба. Се предлага бришење на ставот (14) од членот 45 од причина што е идентичен со ставот (11) од истиот член. Со тоа ставот (15) станува став (14), стои во Предлог-законот.
Како што се посочува во Предлог-законот, со членот 3 се предвидува временскиот рок за донесување на подзаконскиот акт предвиден со овој Предлог закон, а со членот 4 влегувањето во сила на законот.
Во Предлог-законот се посочува дека Предлог на законот за изменување и дополнување на Законот за Академија за судии и јавни обвинители е целосно усогласен со препораките на оценската мисија на ТАИЕКС за обука на судии и јавни обвинители од април 2018 година.
На дневен ред на оваа седница на Комисијата за европски прашања се и две други точки – Предлог на законот за правда на децата, во прво читање и Предлог на законот за рибарство и аквакултура, по скратена постапка.