Рама порача дека ЕУ мора да стави крај на практиката на киднапирање земји

Бугарија ги киднапираше Македонија и Албанија на нивниот евроинтегративен пат – ова е пораката која од Минхенската безбедносна конференција ја упати албанскиот премиер Еди Рама.

Пристапувањето на Албанија во ЕУ е блокирано поради несогласувањата меѓу Македонија и Бугарија. Да го искористиш местото во ЕУ како лост против соседите е најантиевропската работа што може да се замисли“.

Ова го изјави албанскиот премиер Еди Рама на панел дискусијата „Балканот во фокус“ ​​во рамките на 60. Минхенска безбедносна конференција.

На дискусијата учествуваа и македонскиот претседател Стево Пендаровски, црногорскиот претседател Јаков Милатовиќ и американскиот сенатор Џејн Шахин.

Според Рама, Бугарија ја блокира европската интеграција на Скопје и Тирана и затоа двете земји треба да преговараат со ЕУ одделно, а не како пакет.

– Се надевам дека веќе сме одвоени од Македонија, бидејќи последниот пат кога бевме двојка, не ни дозволија да го направиме следниот чекор. Тоа се случи поради ситуација која не е поврзана со Албанија, туку со Бугарија. Откако ги одржавме меѓувладините конференции и го завршивме скрининг процесот со ЕУ, мислам дека веќе не сме двојка – рече Еди Рама.

Тој ги спореди евроинтеграциите на двете земји со претекувањето кога се вари турско кафе.

– Ситуацијата во Македонија е првенствено резултат на политиката на Европската Унија, која не може да стави крај на практиката на киднапирање земји. ЕУ им дозволува на своите членки да го користат своето место во блокот како лост против своите соседи. Тоа е најантиевропското нешто што човек може да си го замисли – рече албанскиот премиер.