– Израелската армија утрово издаде наредба за итна евакуација на палестинските жители и раселените лица во неколку области во источна Рафа, повикувајќи ги веднаш да се релоцираат во гратчето Ал-Маваси.
„Израелската армија ја проширува хуманитарната зона во Ал-Маваси и ги повикува Палестинците привремено да се евакуираат од источните населби на Рафа во проширената хуманитарна зона“, напиша портпаролот на Армијата, Авичај Адраи, на платформата X.
„Проширувањето на хуманитарната зона во Ал-Маваси вклучува теренски болници, шатори, големи количини храна, вода, лекови и други резерви“, додаде тој.
„Армијата, исто така, овозможува соработка со одредени меѓународни организации и други земји за проширување на опсегот на хуманитарна помош што се доставува до Појасот Газа“, рече тој, додавајќи дека „овој процес ќе продолжи постепено врз основа на тековните проценки на ситуацијата.“
„Во овој контекст, ќе се делат летоци, ќе се испраќаат СМС пораки и телефонски повици, а информациите се пренесуваат и преку арапските медиуми“, рече Адраи.
„Армијата ќе продолжи да работи за постигнување на целите на војната, вклучително и разбивање на Хамас и враќање на сите израелски заложници“, додаде тој.
Војската, исто така, објави мапи на своите профили на социјалните мрежи кои ги илустрираат маршрутите за евакуација.
Според армиското радио, одлуката за евакуација на жителите од источна Рафа е донесена доцна синоќа на седница на Владата. Се наведува дека во подрачјето се смета дека има околу 100.000 цивили кои треба да бидат евакуирани.
Се вели дека израелскиот министер за одбрана Јоав Галант го информирал својот американски колега Лојд Остин за одлуката за започнување на евакуација на жителите од јужниот град во Појасот Газа, каде моментално има околу 1,4 милиони раселени Палестинци засолнети од војната што започна по 7 октомври 2023 година, по нападот на Хамас кој зеде околу 1.200 животи и 250 заложници.
Оттогаш, во жестоките израелските напади врз Појасот загинати се над 34.000 Палестинци, главно жени и деца, и предизвикана е огромна хуманитарна катастрофа.
Речиси седум месеци по почетокот на израелската војна, огромни делови од Газа се во урнатини, 85 отсто од населението на енклавата е внатрешно раселено, и наметната е целосна блокада на храна, чиста вода и лекови, според Обединетите нации.
Израел е обвинет за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата. Во привремената пресуда во јануари се наведува дека е „веројатно“ дека Израел врши геноцид во Газа и му е наредено на Тел Авив да ги запре таквите акти и да преземе мерки за да гарантира дека хуманитарната помош ќе стигне до цивилите во Појасот Газа.