– Израелската армија со артилериски оган ја нападна болницата Насер во градот Хан Јунис, а во нападот загина едно дете што се лекуваше на педијатрискиот оддел, соопшти палестинското Министерство за здравство.
Портпаролот на Министерството за здравство Ашраф ал-Кудра изјави дека топовското ѓуле го погодило ѕидот на болницата, но не експлодирало. Од ударот загинало 13-годишно девојче по име Дуња Абу Мухсин, кое се лекувало на педијатриското одделение, а три лица се повредени.
Ал Кудра изјави дека девојчето Абу Мухсин претходно било тешко рането во бомбардирањето на Хан Јунис, поради што ѝ било ампутирано стапалото.
„Доколку гранатата експлодираше, ќе предизвикаше голема катастрофа“, рече портпаролот.
Во друга изјава Кудра објави дека израелските сили извршиле рација во болницата Ал-Авде на север и дека вработените во болницата биле задржани четири часа, поради што биле изложени на нехуман третман.