Израелската војска тврди дека во текот на ноќта погодила 150 „подземни цели“ во Газа

 – Израелската војска денес објави дека во текот на претходната ноќ погодила 150 „подземни цели“ на северот од блокираниот Појас Газа.

Во соопштението на израелската војска се наведува дека припадниците на Хамас се елиминирани, додека „борбените тунели, подземните борбени простори и друга терористичка инфраструктура“ се уништени.

Израелската војска претходно вчера објави дека го проширува опсегот на своите копнени операции.

Таа интензивно го бомбардираше Појасот Газа, прекинувајќи ги телекомуникациите и интернетот, со што стана невозможна комуникацијата со хуманитарните и медицинските тимови на теренот.

Најмалку 7.326 Палестинци загинаа во израелските напади од 7 октомври. Според официјалните податоци, околу 70 отсто се палестински жени и деца.

Околу 2,3 милиони жители на Газа се борат со недостиг од храна, вода и лекови поради масовното израелско воздушно бомбардирање и целосната блокада на енклавата.

Генералното собрание на Обединетите нации (ОН) синоќа усвои резолуција со која се повикува на итен хуманитарен прекин на огнот.