Израелската војска уби двајца Палестинци во Наблус на Западниот Брег

– Двајца Палестинци се убиени, а еден е ранет во рацијата што израелската војска ова утро ја спроведе во старото јадро на градот Наблус, во северниот дел на Западниот Брег, кој се наоѓа под израелска окупација.

Палестинската Црвена полумесечина соопшти дека екипи на итна помош „ги пренеле телата на двајца Палестинци од Стариот град на Наблус“.

Во соопштението се вели дека еден Палестинец е ранет во грбот и во ногата со вистински куршуми.

Очевидците на настанот за Агенција Анадолу изјавија дека израелските сили упаднале во старото јадро на Наблус, блокирајќи една куќа. Блокадата на куќата од страна на израелските сили предизвикала судир меѓу израелските војници и палестинските групи.

Очевидците додадоа дека виделе како поголем број израелски војници се движат кон Стариот град.

Престрелката се случува два дена по нападот на израелската војска во кампот Џенин, во кој загинаа 12 Палестинци, а ранети се 140, од кои 30 потешко.