– Израелските воздушни напади врз Појасот Газа, кој е под израелска блокада, продолжуваат веќе петти ден, додека палестинските вооружени групи возвраќаат со ракети истрелани кон Израел.
Репортерот на Анадолу од Газа јави дека израелски воени авиони денес извршиле напади врз неколку станбени објекти на различни локации во Појасот Газа.
Во воздушните напади срамнети со земја се најмалку три станбени објекти, додека други се оштетени.
Вчера израелски воени авиони уништија уште еден дом, на семејството Таха, во бегалскиот камп Џабалија, во северниот дел на Појасот Газа.
Преку писмена изјава израелската армија соопшти дека во воздушните напади се гаѓале цели на движењето Исламски џихад.
Израелската армија додава дека цел на нападите биле и одредени подземни позиции на бригадите Ал-Кудс, вооруженото крило на движењето Исламски џихад.
Во меѓувреме, палестинските вооружени групи истрелаа низа ракети од Газа, гаѓајќи неколку израелски локации.
Палестинското Министерство за здравство соопшти дека бројот на загинати во воздушните напади пораснал на 33, меѓу кои има шест деца и три жени. Најмалку 93 Палестинци, од кои 32 деца и 17 жени, се повредени во нападите.
Регионалните и меѓународните сили побараа итен прекин на огнот меѓу Израел и палестинските фракции, но досега без успех.
Израелската војска соопшти дека воздушните напади се дел од нејзината операција „Штит и стрела“, офанзива започната откако беа истрелани ракети од Газа по смртта на палестинскиот затвореник што штрајкуваше со глад во израелски затвор.
Според палестинските податоци, од почетокот на годината над 160 Палестинци го загубиле животот во нападите на израелските сили. Најмалку 20 Израелци загинаа во напади во истиот период.