Израелски воени авиони ја уништуваат водоводната мрежа на градовите Хан Јунис и Рафа во јужна Газа

– Израелски воени авиони денес ја уништија водоводната мрежа во градовите Хан Јунис и Рафа, како и нивните поврзувачки патни правци во жестоките бомбардирања на јужниот дел на Појасот Газа.

Израелските сили ги бомбардираа водоводните цевки што го поврзуваат градот Хан Јунис со Рафа во обид да го прекинат водоснабдувањето, изјавија очевидци за Анадолу.

Израелската армијата исто така, спроведе интензивни воздушни напади на главниот патен правец што ги поврзува двата града, целосно уништувајќи го, соопштија локални извори.

Израел ја заострува опсадата на Хан Јунис со прекинување на водоснабдувањето и попречување на пристигнувањето на помошта и храната за жителите во градот, јави дописникот на Анадолу.

На крајот на изминатиот месец, израелската армија им порача на жителите на Хан Јунис да се евакуираат, а потоа започна копнена воена операција во градот, проследена со 24-часовно воздушно бомбардирање, во кои има стотици загинати и повредени лица.

Стотици илјади раселени Палестинци го преплавија Хан Јунис откако избегаа од северниот дел на Појасот Газа поради засилените израелски бомбардирања и копнената офанзива во тој дел на енклавата.

Хан Јунис моментално има население од околу 600.000 луѓе, вклучувајќи ги и раселените од израелските бомбардирања, што го прави најнаселен град во Појасот Газа.

Израел ја продолжи својата воена офанзива на Појасот Газа на 1 декември, по завршувањето на еднонеделната хуманитарна пауза со Хамас.

Најмалку 17.700 Палестинци загинаа, а над 48.780 лица се повредени во немилосрдните воздушни и копнени напади врз енклавата од 7 октомври по прекуграничниот напад на Хамас.

Според официјалните податоци, бројот на загинати Израелци во нападот на Хамас изнесува 1.200.