Израелски војници облечени како лекари убија тројца Палестинци во болница на Западниот Брег

– Израелските сили извршија рација во болница на окупираниот Западен Брег и убија тројца Палестинци, од кои еден бил на лекување.

Палестинското Министерство за здравство соопшти дека израелските сили извршиле рација во болницата „Ибн Сина“ во градот Џенин на окупираниот Западен Брег.

Се истакнува дека израелските војници за време на рацијата во болницата убиле тројца Палестинци.

Во својот апел до Обединетите нации и меѓународните организации и организациите за човекови права, палестинската министерка за здравство Меј ал-Кајле побара да се стави крај на злосторствата што ги вршат израелските сили врз палестинскиот народ и здравствените институции во Појасот Газа и окупираниот Западен Брег.

Побара да се обезбеди неопходната заштита на здравствените домови и нивните тимови.

Државната палестинска новинска агенција ВАФА објави дека двајца од тројцата убиени Палестинци биле браќа.

Убиени се Мухамед и Басил Ајман ал-Газави и Мухамед Валид Џеламин. Се наведува дека Басил Ајман ал-Газави се лекувал во болницата од 25 октомври минатата година.

Пријавено е дека десетина припадници на израелските специјални сили, во цивилна облека и во униформи на лекари и медицински лица, влегле во болницата, се качиле на третиот кат и со оружје со придушувач убиле тројца Палестинци.