Израелски заложници држени во Појасот Газа денеска изјавија дека се плашат за своите животи поради израелските воздушни напади врз енклавата, прашувајќи ја владата на Нетанјаху: „Дали нѐ сакате мртви“?
Военото крило на движењето Исламски џихад, Бригадите Ал-Кудс, во средата емитуваше видео од двајца израелски заложници држени во Појасот Газа, кои предупредија дека нивните животи се во опасност поради израелските воздушни напади.
Во видеото, заложникот Џади Мозес им се обрати на своите пријатели, велејќи дека „мора да се засили притисокот за да се натера израелската влада да разбере што сакаме“.
„Ние сме во неподнослива ситуација. Веројатно ќе умреме затоа што нема гаранција дека армијата нема да нè таргетира“, додаде тој, обраќајќи му се на премиерот Бенјамин Нетанјаху и на другите високи израелски функционери.
„Ние, заложниците, чувствуваме дека владата не сака да се вратиме живи“, рече тој.
Друг заложник, Елад Кацир, рече: „Ние сме во опасност поради армиските проектили кои ги загрозуваат нашите животи. Ни недостасуваат нашите домови и сакаме да се вратиме живи“.
Кацир го повика Нетанјаху и сите носители на одлуки во Израел „да направат се што е потребно, да ги прекинат нападите и да постигнат договор за размена на затвореници“.
Кон критиките за Нетанјаху и владата се приклучи и Ави Шамриз, таткото на Алон Шамриз, еден од тројцата израелски заложници што „по грешка“ беа убиени од израелската армија во Појасот Газа.
Говорејќи за програмата „НБЦ њуз“, Шамриз рече дека Владата на Израел најпрво му дозволила на Хамас да го киднапира неговиот син на 7 октомври, а потоа израелската армија го убила во декември.
„Двапати го убивте мојот син“, нагласи Ави Шамриз.
Нагласувајќи дека Владата предводена од Нетанјаху нема капацитет да ѝ служи на земјата, Шамриз рече дека администрацијата „не нѐ заслужува како општество, како народ“.
„Тие не се наши лидери. Мислат само на себе. На фотелјите и на своите џебови“, истакна Шамриз.
Израелската армија објави дека на 15 декември „по грешка“ убила тројца заложници од Израел во Појасот Газа.
Семејството на 26-годишниот Алон Шамриз, еден од оние кои беа убиени „по грешка“, поднесе барање жртвата да биде вклучена во списокот на „херои“.
Меѓутоа, како што пренесуваат израелските медиуми, армијата го одбила ова барање. Тогаш семејството потсети дека тројцата заложници биле убиени и покрај тоа што биле без униформа и носеле бело знаме.
За време на еднонеделната хуманитарна пауза во Газа минатиот месец, Хамас ослободи 81 Израелец, 23 државјани на Тајланд и еден државјанин на Филипини, во замена за 240 Палестинци, меѓу кои 71 жена и 169 деца.
Израел го бомбардираше Појасот Газа од воздух и од копно, воведе опсада и изврши копнена офанзива како одмазда за прекуграничниот напад на Хамас на 7 октомври.
Најмалку 19.667 Палестинци оттогаш се убиени, а 52.586 повредени во израелскиот напад, според здравствените власти на Газа.
Бројот на израелски загинати во нападот на Хамас на 7 октомври изнесува 1.200, додека над 130 заложници сè уште се држат од палестинската група во Газа, според официјалните податоци.