– Израелскиот министер за финансии на крајната десница, Безалел Смотрич, ја повика Владата да „создаде безбедни зони“ за Евреите на окупираниот Западен Брег и да им забрани на Палестинците влез во тие подрачја, дури и за берба на маслинки.
Во писмото што му го напиша на премиерот Бенјамин Нетанјаху и што го сподели на платформата за социјални медиуми Х, Смотрич тврди дека администрацијата на Тел Авив „не успеала да обезбеди прифатливо ниво на безбедност“ на Западниот Брег.
Тој повика на „создавање стерилни безбедносни зони околу еврејските заедници и патиштата, и спречување на Арапите да влезат во тие подрачја, дури и за време на бербата на маслинки“.
Министерот на крајната десница тврди дека таквите мерки се неопходни за да се спречат нападите врз еврејските доселеници и да се „обезбеди чувство на сигурност“ во овие населби бидејќи голем број Израелци се регрутирани како резервисти.
Во разговорот за „Тајмс оф Израел“, портпаролот на Смотрич рече дека израелскиот министер „мисли на Палестинците, а не на сите Арапи“ со честото користење на зборот „Арап“ во неговото писмо.
Околу 690.000 еврејски доселеници живеат на Западниот Брег и во Источен ал-Кудс (Источен Ерусалим), кој Израел го окупира во 1967 година.
Според меѓународното право, еврејските населби на Западниот Брег и во Источен Кудс се сметаат за нелегални.
На Западниот Брег чести се рациите и нападите на вооружените еврејски доселеници под заштита на израелските сили.
Овие напади дополнително се зголемија кога израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху именуваше екстремно десничарски политичари како Безалел Смотрич и Итамар Бен-Гвир на клучни позиции во коалициската Влада, која дојде на власт кон крајот на 2022 година.
И двајцата министри, познати по своите расистички и дискриминаторски постапки и дискурси против Палестинците, живеат во овие населби кои се спротивни на меѓународното право и се познати по тоа што ги поттикнуваа еврејските доселеници на насилство.
Според податоците на Одборот на палестинската Влада за борба против „Sидот на раздвојување“ и населбите, нападите на еврејските доселеници во октомври го собориле рекордот.
Еврејските доселеници извршија 390 напади врз Палестинците за еден месец, во кои се убиени девет Палестинци.
Поради овие напади, девет бедуински заедници од 810 луѓе, кои се состојат од речиси 100 семејства, мораа да мигрираат од нивната сегашна локација на друго место.