– Израелскиот министер за надворешни работи, Израел Кац, денес изјави дека Тел Авив ќе ја продолжи војната во Појасот Газа сѐ до ослободувањето на заложниците што ги држи Хамас.
Кац, пред состанокот со британскиот министер за надворешни работи Дејвид Камерон, офанзивата врз Газа ја нарече „војна од неопходност“ против Хамас и иранската оска.
„Нема да застанеме сѐ до ослободувањето на сите наши заложници и отстранувањето на воените и цивилните способности на Хамас во Газа и на секое место“, додаде Кац на социјалната мрежа Х.
Денес Камерон допатува во Израел во рамките на турнејата на Блискиот Исток, во која се вклучени Западниот Брег, Катар и Туркије, со цел да се поттикне итна хуманитарна пауза на борбите во Појасот Газа.
– Војната во Појасот Газа
Израел започна немилосрдни воздушни и копнени напади врз Појасот Газа со неселективно бомбардирање на цивилни населби, станбени објекти, училишта, болници и верски објекти по неочекуваниот напад од страна на Хамас на 7 октомври.
Од почетокот на израелските напади врз Појасот Газа на 7 октомври досега се убиени најмалку 25.700 Палестинци, главно жени и деца, а ранети се повеќе од 63.740 лица, објавија здравствените власти на палестинската енклава.
Се верува дека Хамас држи околу 136 Израелци како заложници. Официјалната бројка на загинати во Израел изнесува 1.200, но, според зборовите на пилот на Израелските вооружени сили, можно е дел од загинатите Израелци да се жртва на примената на „Ханибаловиот протокол“ од страна на израелската војска.
„Ханибалова директива“ или „Ханибалов протокол“ е контроверзна процедура што ја користат израелските одбранбени сили (ИДФ) со цел да се спречи киднапирање на израелските војници од страна на непријателските сили. Според оваа директива, „киднапирањето мора да се запре со сите средства, дури и по цена на напад и елиминирање на киднапираните“. Овој протокол од страна на Израел е воведен во 1986 година.
Според податоците на Обединетите нации, поради израелската офанзива, 85% од населението на Газа интерно е раселено и се соочува со акутен недостиг на храна, чиста вода и лекови, а 60% од инфраструктурата на енклавата е оштетена или уништена.