Израел го обнови бомбардирањето на Либан! Има мртви и ранети, загина и дете! Урнатини на секој чекор, згради срамнети со земја! (ФОТО/ВИДЕО)
Израел вчера го бомбардираше соседен Либан, при што загинаа шест лица, меѓу кои и едно дете, соопштија либанските власти.
Ова е направено по пресретнување на ракети, наводно истрелани од либанска територија, кон Израел.
Либанскиот проирански Хезболах ја негираше одговорноста за ракетниот истрел, за кој никој не презеде одговорност и го обвини „израелскиот непријател“ дека бара оправдување за продолжувањето на нападите врз Либан.
Ракетниот истрел врз Израел е прв ваков инцидент по стапувањето во сила на прекинот на огнот со Хезболах, постигнат на 27 ноември.

Договорот за прекин на огнот стави крај на војната меѓу израелската армија и Хезболах, кој отвори фронт против Израел во знак на солидарност со палестинскиот Хамас, на почетокот на војната во Газа во октомври 2023 година.
Прекинот на огнот донесе релативен мир во Либан по повеќе од една година израелски напади врз објекти за кои израелската војска тврди дека се поврзани со Хезболах.
Израел делумно ги повлече војниците од јужен Либан на 15-ти февруари.
Сирените одекнаа во Метула, израелско погранично село. Израелската армија пресретна три од шест ракети истрелани од јужен Либан кон северниот регион Галилеја.
Како одговор, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и’ нареди на војската да нападне цели во Либан. Тогаш израелската војска објави дека цели на десетици ракетни фрлачи и команден центар на Хезболах во јужен Либан.
Либанското Министерство за здравство објави дека пет лица, меѓу кои и едно дете, се убиени, а осум други се ранети во еден од нападите во градот Тулин.
Вечерта Нетанјаху и министерот за одбрана Израел Кац наредија втор бран напади врз десетици цели на Хезболах, соопшти кабинетот на Министерството за одбрана.
Либанската новинска агенција Ани објави дека имало повеќе израелски напади на југот и на истокот на земјата, вклучително и во градот Тир, каде што едно лице загина, а седум се ранети.
Началникот на Генералштабот на израелската армија Ејал Замир вети остар одговор на секој ракетен истрел од либанска територија.