Израелските одбранбени сили (ИД) денеска соопштија дека во последните неколку часа извршиле воздушни напади врз три терористички ќелии и позиција на Хезболах во јужен Либан.
Според ИД, воено беспилотно летало ги погодило терористичките ќелии во јужен Либан, од каде биле лансирани противтенковски наведувани проектили врз позициите на ИД и блиските погранични градови, објави „Тајмс оф Израел“. Сирените беа активирани и во северните израелски заедници Елкош и Нетуа.
Од друга страна, канонада од ракетен оган го погоди рано денеска регионот на Тел Авив три пати за неколку часа, а сирените се огласија низ целиот регион околу тој град. Погодени се и областите на исток од градот околу аеродромот Бен Гурион, како и местата на север и југ, објави „Тајмс оф Израел“.
Се претпоставува дека ракетите, насочени кон најнаселените области на Израел, биле истрелани од Газа.