Макрон ги предупреди Хезболах и Иран да не отвораат нови фронтови на Блискиот Исток

– Францускиот претседател Емануел Макрон денес ги предупреди Хезболах и Иран да не отвораат нови фронтови во актуелниот конфликт на Блискиот Исток.

„Мораме (да водиме битка) избегнувајќи (да го запалиме) огнот во целиот регион“, изјави Макрон на заедничката прес-конференција во Ерусалим со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.

„Ги предупредувам Хезболах, иранскиот режим, Хусите во Јемен и сите други групи во регионот кои му се закануваат на Израел, да не преземаат несовесен ризик и да отворат нови фронтови“, додаде Макрон.

„Триесет француски државјани загинаа за време на конфликтов“, додаде тој, и рече дека ќе продолжат напорите за ослободување на заложниците кои се француски државјани.

Макрон, исто така, предложи формирање меѓународна и регионална коалиција, како онаа против ДЕАШ, со цел борба против терористичките организации.

– Повик за почитување на цивилите –

Францускиот претседател истакна дека дури и жестоките борби имаат правила: „Ние сме демократии кои ги почитуваат законите на војната, гарантираат хуманитарен пристап и не ги имаат како цел цивилите ниту во Газа, ниту на кое било друго место.“

Во тој контекст, тој повика да се дозволи хуманитарна помош и да се врати електричната енергија во болниците за пациентите и повредените.

„Подготвени сме да донесеме конкретна помош за сите популации“, рече тој.

По целосната блокада, вклучително и на водата и струјата, од саботата Израел дозволува влез на камиони со помош во Газа, но само мал дел од стотиците камиони со помош потребна секојдневно, јавија хуманитарните организации.

– Потребен е политички пат за мир и стабилност –

Макрон укажа и на политичкиот аспект на конфликтот: „Безбедноста на Израел не може да биде одржлива без решително повторно започнување на политичкиот процес со Палестинците.“

„Стабилноста во регионот … може да се гарантира … со тоа што Израел ќе го прифати легитимното право на Палестинците да имаат територија и држава во мир и безбедност покрај Израел, бидејќи тоа ќе го интегрира, како примарен услов, израелското постоење и безбедност“, нагласи Макрон.

Конфликтот во Газа, која е под израелско бомбардирање и блокада од 7 октомври, започна кога Хамас ја почна операцијата „Поплава Ал Акса“, повеќестран ненадеен напад со низа лансирања на ракети и инфилтрирање во Израел по копно, море и воздух. Се наведува дека операцијата е одмазда за упадите во џамијата „Ал Акса“ и зголеменото насилство од страна на еврејските доселеници врз Палестинците.

Израелската војска потоа ја започна операцијата „Железни мечеви“ против позициите на Хамас во Појасот Газа.

Во конфликтот загинаа повеќе од 7.100 луѓе, меѓу кои најмалку 5.791 Палестинец и 1.400 Израелци.